top of page
Search

Флексибилна канцеларија како неизоставен дел од стратегијата на работното место (прв дел)


Според WeWork, водечкиот глобален провајдер на флексибилен канцелариски простор, деновите кога компаниите бараа од вработените во канцеларијата да се собираат на централно место пет дена во неделата се речиси зад нас. Компаниите и вработените достигнаа точка на пресврт во редефинирањето на светот на работата. Потребите и очекувањата и на работодавците и на вработените брзо се менуваат што е и причина за усвојување на различни хибридни модели на работа. Паралелно со воведување на нови хибридни модели, некои организации сакаат да ја задржат вредноста што ја обезбедува традиционалната канцеларија: можност да се биде креативен, да се соработува, да се биде ментор, да се учи - да се изгради организациска култура.


Лидерите сега прашуваат: Какво е искуството на вработените кога ќе ја споредат работата во флексибилниот канцелариски простор со таа во традиционалните канцеларии или работата од дома? Како тоа влијае на продуктивноста и перформансите?


Едно од клучните прашања е: „Дали внесувањето на флексибилен канцелариски простор во екосистемот на работното место може да им помогне на компаниите и нивните вработени да ја најдат вистинската рамнотежа?“


За да ги истражат овие и други прашања, Cushman & Wakefield во соработка со WeWork направија заеднички глобален извештај за искуството на работното место, анкетирајќи 800 луѓе кои работат во просториите на WeWork во Лондон, Сингапур и Њујорк.


Истражувањето покажува дека луѓето кои моментално користат флексибилен канцелариски простор сакаат да го користат уште повеќе - до половина од својот работен ден. Анкетираните изјавија дека 40 отсто од нивното време поминуваат во флексибилна канцеларија, 55 отсто дома и приближно 5 отсто на други места. Испитаниците рекоа дека во иднина сакаат да бидат во флексибилен канцелариски простор 50 проценти од времето и да го намалат времето за работа од дома на околу 45 проценти.


Зошто луѓето избираат да работат во флексибилна канцеларија?


Иако канцеларијата и стратегиите за портфолио на секоја компанија ќе бидат уникатни, повеќето лидери се уверени дека нивната стратегија ќе вклучува комбинација од традиционални канцеларии, домашни канцеларии и трети места. Истражувањето на Cushman & Wakefield и WeWork покажува дека флексибилните канцеларии се важна, остварлива и докажана опција во таков екосистем. Тие имаат многу слични придобивки како и традиционалната канцеларија. Истовремено, тие можат да понудат и други поволности што одговараат на новиот хибриден пристап што работодавците го тестираат, а вработените го бараат.


Постојат добри причини да ги разгледаме флексибилните канцелариски решенија како клучен дел од екосистемот на работното место. Истражувањата покажуваат дека вработените сакаат да го зголемат своето работно време во флексибилна канцеларија и да го намалат времето поминато во работа на далечина, без разлика дали работат од дома или на трети места (библиотеки или кафулиња).


Вработените избираат да работат во флексибилни канцеларии и традиционални канцеларии од слични причини - можност за соработка, дружење и поврзување со други. Меѓутоа, главните три причини зошто вработените претпочитаат флексибилен канцелариски простор се следни:


1) просторот се чувствува како продолжение на традиционалната

канцеларија и култура на вработениот

2) просторот ја поддржува благосостојбата на вработениот, и

3) просторот нуди добра технологија и соодветен простор за соработка.


Традиционална и флексибилна канцеларија наспроти работа на далечина


Испитаниците кои го користат просторот на WeWork изјавиле дека флексибилниот канцелариски простор им се допаѓа од истите причини како и традиционалната канцеларија.


Речиси 50% од испитаниците во истражувањето тврдат дека традиционалната канцеларија е најдоброто место за запознавање и дружење со колегите, а 32% изјавиле дека социјализацијата е примарна причина да се избере флексибилен канцелариски простор.


Можноста за дружење се рангира како главната причина зошто луѓето ги избираат двата вида работни места наместо работата од дома - иако е забележливо дека испитаниците покажуваат еден и пол пати поголема веројатност да одберат традиционалната канцеларија како место каде што треба да се дружат наспроти флексибилниот простор.


Испитаниците во истражувањето чувствуваат дека престојот во канцеларија ја олеснува соработката (34% за традиционалната и 31% за флексибилната канцеларија). Поврзаноста е третата основна причина зошто луѓето избираат да работат и во традиционални и во флексибилни канцеларии. Испитаниците забележуваат дека кога се во канцеларија се чувствуваат повеќе поврзани со нивните организации, нивните колеги и со надворешниот свет (94% од испитаниците во истражувањето работат во просторот на WeWork со колеги од својата компанија).


Додека причините зошто луѓето избираат флексибилен канцелариски простор и традиционални канцелариски опции се во голема мера слични, причините поради кои избираат работа на далечина се речиси сосема различни.


Испитаниците во истражувањето ја наведуваат шансата да се избегне патување на работа како главна причина за работа од дома. 61% од испитаниците изјавиле дека избегнувањето на патување на работа е причина број 1 поради која не сакаат да работат во традиционална канцеларија, флексибилен канцелариски простор или на далечина. Тоа е веројатно така бидејќи патувањето може да предизвика губење на време (а со тоа и да ја намали продуктивноста), да има негативно влијание врз благосостојбата преку зголемен стрес и ерозија на енергија, и во многу случаи да биде причина зголемување на трошоци за вработените.


Втората најчеста причина зошто испитаниците ја одбираат работата од дома е поголема флексибилност (48%). Потоа следи можноста да се воспостави подобра рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот (избрана од 47% од испитаниците) и можноста за полесно фокусирање (40%).


Интересно е тоа што рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот е единствениот заеднички фактор наведен за традиционалната канцеларија, флексибилен канцелариски простор и работа на далечина или од дома, што имплицира дека секој дел од разновиден канцелариски екосистем може да поддржува рамнотежа помеѓу работата и животот.


Превземено од Cushman & Wakefield & WeWork


1 view

Comments


bottom of page